Годишен план на Фондацијата Викимедија/2024-2025
Соочувајќи се со овие предизвици, годишното и повеќегодишното планирање на Фондацијата продолжува да се води според Стратешката насока 2030. Промените во светот околу нас ја прават оваа насока порелевантна од било кога. Потребата да станеме суштинска инфраструктура на екосистемот на слободното знаење е повеќе од само инспиративна изјава — тоа е задача постојано да ја преиспитуваме одржливоста на нашите проекти и организации во одговор на променливата средина околу нас.
Овогодишниот Годишен план доаѓа во време на сè поголема неизвесност, непостојаност и сложеност за светот и за Викимедииното движење. Глобално, улогата на доверливите информации на Семрежјето игра сè поважна улога и е позагрозена од било кога. Организациите и семрежните подлоги мора да се снаоѓаат во семрежје кое е повеќе поларизирано и повеќе поделено. Добиваат на сила новите начини на пребарување на информации, вклучувајќи ги разговорните пребарувања. Лесното создавање на машинска содржина со помош на вештачка интелигенција претставува у прилика и ризик за Викимедиината улога како систем за знаења предводен од луѓе и технологија, како и за финансискиот модел на Викимедија.
Целта на Викимедииното движење и понатаму се темели на двата клучни столба на нашата Стратешка насока:
- Праведност на знаењето: „да го развиваме нашиот свет собирајќи знаења кои наполно ја претставуваат човечката разноликост.“
- Знаењето како услуга: „да изградиме услуги и структури кои им овозможуваат на другите да го прават истото.“
Како движење мораме да продолжиме да пружаме веродостојни информации на светот, да го негуваме доброволците од кои зависи создавањето на содржини и нивното одржување на преку 320 јазици.
Во овој Годишен план ги чествуваме успесите на многу групи и поединци кои работат кон унапредувањето на разни Препораки за стратегијата на движењето заедно со основната дејност на Фондацијата. Во годините што претстојат Фондацијата исто така ќе почне појасно да сигнализира онаму кадешто некои препораки се поинформативни од други во нашиот заеднички стремеж кон остварување на Стратешката насока 2030.
И мораме да планираме уште подолгорочно. Од суштинско значење за нашата задача е да гледаме подалеку од 2030 г., што од нас бара да „создаваме и чуваме корисни информации … достапни на семрежјето бесплатно, засекогаш.“ Со децении содржината на Википедија постојано се јавува на првата страница во 99 % од пребарувањата на Гугл. Таа содржина е дури опишана како „фактичката мрежа која го спојува сиот дигитален свет“.
Сепак, преодот од архитектура заснована на врски — која досега добро им користеше на нашите проекти и финансискиот модел — на архитектура заснована на разговор е во рана фаза, но веројатно ќе остане засекогаш. Сметаме дека ова е дел од генерациската промена во создавањето и користењето на информации. Овие промени се забрзуваат бидејќи семрежјето стана поразновидно и глобално, а воедно и помалку англојазично.
Со ова сме доведени во стратешки парадокс: Викимедиините проекти стануваат посуштински за инфраструктурата на знаењето на семрежјето, но истовремено стануваат помалку видливи за корисниците. Тие се посуштински бидејќи Википедија ја преземаат големи јазични модели кои ја обликуваат иднината на добивањето на информации, со пребарување но и на други начини. Според многу проценки, Википедија на англиски го сочинува најголемиот извор на обучувачки податоци кои ги презема ChatGPT — и меѓу највреднуваните по квалитет. Начелно земено, ова е добро. На веродостојната вештачка интелигенција ѝ треба веродостојна база на факти.
Истовремено, Викимедиината содржина станува помалку видлива како дел од суштинската инфраструктура на семрежјето бидејќи сè позатвореното семрежје посредувано од вештачка интелигенција не го припишува изворот на фактите, па дури не дава ни врски до Википедија. Општествениот договор на кој се потпира употребата на содржина од надворешни извори се соочува со притисок. Конечниот исход од влијанието на вештачката интелигенција допрва останува да се види, но нам веќе ни е познато влијанието на овој притосок со текот на времето во падот на извесни статистички показатели како регионалната посетеност и новите учесници.
Секој годишен план мора да се води според повеќегодишни и повеќегенерациски стратегии кои ја унапредуваат нашата задача засекогаш. Втемелена во Викимедиината стратегија на движењето, Фондацијата продолжува да работи на три подрачја по кои ќе се води нашето повеќегодишно планирање и нашите предвидувања:
- ФИНАНСИСКИ МОДЕЛ: Финансискиот модел и идните предвидувања за извори на приходи на Викимедија со семрежно прибирање на средства (кое очекуваме да не расте со иста стапка како порано), следната фаза на Викимедиините покровители, и досега извлечените поуките од Викимедииното претприемништво.
- ПРОИЗВОДИ И ТЕХНОЛОГИЈА: Сосредоточување на улогата на Фондацијата во поддршка на технолошките потреби на Викимедииното движење, добивање увид во потребите на нашите бројни и разновидни заедници, предводење на иновации за идните корисници и развој на нашата инфраструктура во склад со промените во надворешните прилики.
- УЛОГИ И ДОЛЖНОСТИ: Попродлабочени разговори за воведување на рамки и начела со цел добивање увид во основните улоги и должности на Фондацијата. Ова е предвидено да собира мислења при расправите за повелбата на движењето и разговорите за пошироката стратегија на истото.
Слично како лани, годинашниот план се задржува на суштинската важност на технологијата со оглед на улогата на Фондацијата како подлога за водечки системи за учествено создавање на знаења ширум светот. Четирите сеопфатни цели на годинашниот план исто така остануваат исти (Инфраструктура, Праведност, Безбедност и интегритет и Делотворност), додека работата и зацртаното во склоп на секоја цел се гради врз направениот напредокот постигнат во тековната година.
На висок степен, нашата работа во претстојната година се задржува на подобрување на корисничкото доживување во Викимедиините проекти, обезбедувајќи го постојаното одржување потребно за поддршка на едно од 10-те најпрометни места на семрежјето, а притоа вложувајќи во иднината во пресрет на променетото семрежје. Ќе разработиме поправеден пристап кон слободното знаење со работа на празнините во знаењето и проширување на учество во движењето, заштита за нашите луѓе и проекти од растечките надворешни закани, како и обезбедување на долгорочната финансиска одржливост на Викимедија и поголема способност да го поддржува движењето во иднина.
Буџетот на фондацијата ги одразува тековните компромиси воочи забавениот раст на доходи. Во пресрет на оваа нова состојба, Фондацијата значително го забави својот развој во текот на изминатите две години, и минатата година го намали персоналот и расходите. Од 2022 г. наваму доделените средства за подружниците ја надминаа стапката на раст на Фондацијата, што е случај и со годинашниот план.
Заедно на оваа задача
Нашата заедничка цел е да ѝ овозможиме на нашата глобална заедница подобро да работи заедно и со нас за навистина да станеме суштинска инфраструктура на екосистемот на слободното знаење. Во одделите што следат ќе најдете повеќе поединости за тоа како разните екипи на Фондацијата работат во поддршка на овие четири цели. Ништо од ова не можеме да го направиме сами; само сите заедно можеме да создадеме свет каде сите луѓе ќе имаат пристап и учество во збирот на сето човеково знаење. Затоа една од нашите основни вредности е фактот што оваа задача ја исполнуваме заедно.
Добредојдена е вашата соработка на вики овде на мета, во просторите на заедницата или на селската чешма на вашиот проект.
Што бара од нас денешниот свет?
Годинава Фондацијата се задржува на четири клучни надворешни трендови кои влијаат на нашата работа:
- Корисниците се преплавени со информации, и сакаат да им се претставуваат во збирен облик од доверливи луѓе
- Учесниците имаат многу корисни и влијателни начини да споделуваат знаење на семрежјето
- Точноста на содржината е под прашање повеќе од било кога, и истата ќе биде користена како оружје
- Регулирањето создава предизвици, закани и можности кои се разликуваат од земја до земја
Како што беше минатата година, Фондацијата почна со планирање поставувајќи го прашањето „Што бара денешниот свет од нас и Викимедиините проекти?“ Спроведовме истражување на надворешните трендови кои влијаат на нашата работа, вклучувајќи поголема задршка на непосредни информации во мали дози; поголемо присуство на поттици (финансиски и други) за привлекување на учесници на некои подлоги; правни и регулациски закани, вклучувајќи регулативи на подлогата кои може да се искористат против нас и нашите придонеси, како и можности за позитивно унапредување на јавниот интерес; и проблеми со точноста на содржината и влијанието на вештачката интелигенција врз информацискиот екосистем.
Лани преземавме неколку чекори во одговор на надворешните трендови вклучувајќи нови вложувања во работата на екипата Идни публики, како разработката на приклучок за ChatGPT, експериментирање со нови подлоги и разработка на изучувања за тоа како луѓето би сакале да користат генеративна вештачка интелигенција за општење со знаењето на Викимедиините проекти. Создадовме и нова работна група и вложивме во алатки за подобро и попаметно патролирање на уредници со проширени права за да им помогнеме да учесниците да се справат со потенцијалниот пораст на погрешни информации и дезинформации на Викимедиините проекти. Во текот на годината ние се навративме на овие трендови и извлековме поуки од нив; на пример, иако ChatGPT беше меѓу најбрзорастечките подлоги во историјата на семрежјето, Викимедија не забележа значителна промена во бројот на читатели за истиот период. Луѓето сè уште се потпираат на Википедија и Викимедиините проекти како извор на доверливи и точни информации низ целиот свет.
Разговор:2024
Во прилог на годинашниот Годишен план, почнавме со Разговор: 2024 — разговори за споделување, сослушување и осознавање со намера. Како дел од иницијативата, Доверителите на Фондацијата Викимедија, извршното раководство и персоналот одржаа 130 разговори на вики, со поединци и во мали групи. Разговорите продолжуваат. Овие разговори се протегаат низ сите региони на светот. Продолжуваме да стекнуваме сознанија од најразлични лица, од плодотворни членови на заедницата до новодојденци, од технички доброволци до надзорници, приредувачи на настани и водачи на подружниците.
Заклучоците од овие разговори воедно одат право во годинашното планирање за 2030 г. и понатаму — вклучувајќи го размислувањето за тоа што би било потребно да ги изградиме нашите проекти за повеќе поколенија:
- Постојано слушаме за потребата од Фондацијата да се задржи на надградување на техничката инфраструктура во поддршка на потребите на доброволците за одржување на алатките и следење на мерилата.[link to infrastructure section] Ова е најкритичната тема на нашите стратешки усилби со опипливоста и практичноста на задачата да продолжиме да работиме вечно. Разговорите ни потврдија дека продолжуваме да се движиме во вистинската насока.
- Иако технологијата зема важно место во највеќето разговори, не постои сомнеж дека Викимедија е движење на луѓе. Чувме дека „сè се сведува на луѓето“ и истраживме уште повеќе решенија кои би дале одговор на познатата дилема како да држиме рамнотежа помеѓу потребите на постоечките уредници со иницијативите за привлекување на новодојденци.
Нашите човечки вредности се појавија во неколку разговори за улогата на Викимедија во обликувањето на следното поколение на вештачка интелигенција.
- Разговорите во „Разговор: 2024“ исто така им оставија простор на подружниците на движењето да ја изразат потребата за повеќегодишна финансиска сигурност во нивната поддршка за Фондацијата, што ќе биде внесено во овој годишен план. Во другите разговори беше подвлечена потребата од давање предност на ограничените ресурси и појасно изложување на потребните компромиси.
- На крај, во разговорите стана збор и за задачата за утврдување на Повелбата на движењето. Тие беа разновидни, од размисли за препораки и насоки за стратегијата на движењето („Дали во ова движење секогаш ќе биде ‚прв дошол, прв услужен‘?“) до прашања за целта на различните структури („Кои одлуки треба да ги носи глобалниот совет? Зошто одлуките преоѓаат од еден центар во друг?“ „Земаме чекан да решаваме проблеми кои всушност се завртки.“). Како што можеше и да се очекува, беа изнесени разни перспективи („Заедниците на уредувачи во многу региони не гледаат непосредна полза од подружници, средишта и други управни структури.“ „Заедницата сè уште не е сослушана од Фондацијата.“ „Добрата работа што ја вршат подружниците во извесни региони е за пофалба, особено оние подружници кои наголемо работат со заедницата.“). И длабоко признание за сложената задача пред нас („Заедницата е толку огромна што тешко можеме да ги сврземе сите заедно.“)
Цели на Фондацијата за 2024-2025 г.
Нашиот приод кон годишното планирање
Земајќи го предвид овој контекст, нашиот приод кон планирањето за годинава и понатаму ќе се води по следниве проектни насоки:
- Втемеленост во Стратегијата на движењето. Врска со Праведноста на знаењето и Знаењето како услуга, како дел од стратегијата на движењето.
- Надворешна перспектива. Да почнеме со тоа што се случува во светот околу нас. Да гледаме нанадвор. Да ги утврдиме клучните надворешни трендови кои ја засегаат нашата работа.
- Задршка на Производи + Технологија Постојана задршка на улогата на Фондацијата како подлога за развивање на производи и технологии во размер.
- Сплотување со четирите цели година за година. Четирите цели на годишниот план остануваат доследни од лани, со работа која се надоградува на претходно постигнатиот напредок.
- Подолгосежен повеќегодишен поглед. Да го втемелиме нашиот годишен план во повеќегодишно планирање. Да ги земеме предвид долгорочните трендови на нашиот приходен модел, технолошка стратегија и улогите и должностите во движењето.
- Зголемено финансирање на групите во движењето. Финансирањето на подружниците на движењето ја надмина стапката на раст на Фондацијата.
Фондацијата Викимедија има четири главни цели за 2024−2025 г. Овие големи организациски цели се исти како во минатогодишниот план, но конкретната работа и задачите за секоја цел продолжуваат да се развиваат. (Краток преглед на целите е достапен и како сликоред.) Овие цели се предвидени да бидат складни со Стратешката насока на Викимедииното движење и Препораките за Стратегија на движењето, како и да бидат одговор на клучните надворешни трендови кои влијаат на нашата работа.
Целите на Фондацијата Викимедија за 2024-25 г. се следниве:
- ИНФРАСТРУКТУРА: Унапредување на знаењето како услуга. Подобрување на корисничкото доживување на викијата, особено за искусните уредници. Зајакнување на мерилата и извештаите.
- ПРАВЕДНОСТ: Поддршка за праведност на знаењето. Зајакнување на праведноста во носењето одлуки преку управувањето со движењето, праведна распределба на ресурсите, затворање на празнините во знаењето и поврзување на движењето.
- БЕЗБЕДНОСТ и ИНТЕГРИТЕТ: Заштита на нашите луѓе и проекти. Зајакнување на системите кои обезбедуваат безбедност за доброволците. Одбрана на интегритетот на нашите проекти. Унапредување на околината за да биде поповолна за слободното знаење.
- ДЕЛОТВОРНОСТ: Зајакнување на севкупниот успех и делотворност на Фондацијата. Оценување, повторување и приспособување на нашите процеси за што поголемо влијание со поограничени ресурси.
Преглед на целите за 2024-25 г.
Во овој оддел е даден преглед на клучната работа во рамките на секој од целите на Фондацијата.
ЦЕЛ 1: ИНФРАСТРУКТУРА: Унапредување на знаењето како услуга со задршка на викидоживувањето, идните публики, сигналите и податочните услуги.
- ВИКИДОЖИВУВАЊА
- Доживување на учесниците: Помагање на искусните и новите учесници да се соединат во изградбата на енциклопедија од доверба.
- Потрошувачко доживување: Привлекување на ново поколение на читатели и дарители за изградба на трајна врска со енциклопедиската содржина.
- МедијаВики: Развој на подлогата МедијаВики и посредниците за задоволување на основните потреби на Википедија.
- ИДНИ ПУБЛИКИ
- Испробување на хипотези. Испробување на идниски ориентирани хипотези за подобар увид во технолошките трендови, семрежното поведение и продолжување на досегот на Википедиината содржина.
- СИГНАЛИ и ПОДАТОЧНИ УСЛУГИ
- Мерила: Следење и објавување на основни мерила со цел добивање увид во нашето влијание и сознанија за носењето на одлуки.
- Подлога за експериментирање: Пуштање на солидна подлога за експериментирање за подобро оценување на влијанието на функциите на производите.
ЦЕЛ 2: ПРАВЕДНОСТ: Поддршка за праведност на знаењето задржувајќи се на управувањето со движењето и носењето одлуки, праведната распределба на ресурси, затворање на празнините во знаењето и поврзување на движењето.
- УПРАВУВАЊЕ СО ДВИЖЕЊЕТО
- Носење одлуки: Да поддржиме делотворно и праведно носење одлуки во движењето. Да се осигуриме дека доброволците ги разбираат клучните процеси на движењето и да обезбедиме нивно полно учество (на пр. Повелба, Глобален совет, Средишта, Комитети).
- РАСПРЕДЕЛБА НА РЕСУРСИ
- Доделување средства: Да продолжиме да го ускладуваме доделувањето на средства со Стратегијата на движењето. Работа со заедниците за да поддржуваме праведна распределба на ресурсите и да го зајакнеме капацитетот на подружниците да прибираат средства.
- ЗАТВОРАЊЕ НА ПРАЗНИНИТЕ ВО ЗНАЕЊЕТО
- Пораст на содржините: Забрзување на растот на доверлива енциклопедиска содржина. Да им помогнеме на заедниците да ги затворат празнините во знаењето со тоа што нашите алатки и системи за поддршка ќе бидат полесни за пристап, поприлагодливи и подобрени.
- ВРСКИ
- Поврзување на движењето: Да им помогнеме на викимедијанците да се поврзат, да споделуваат и учат едни од други. (на пр. Викимедијанец на годината, WikiCelebrate, Регионални и глобални врски , Викиманија, Регионални конференции, Хакатони, Let's Connect.)
ЦЕЛ 3: БЕЗБЕДНОСТ и ИНТЕГРИТЕТ: Да ги заштитиме нашите луѓе и проекти со задржување на поддршката во управувањето, човековите права, реакција на измени во правните рамки, справување со дезинформации и унапредување на Викимедииниот модел.
- ЗАШТИТА НА НАШИТЕ ЛУЃЕ
- Доверба и безбедност: Да ги поддржиме работните текови на раководството со проекти како ArbCom, Надзорниците и другите кои ги штитат луѓето и го поддржуваат интегритетот на содржината. Да работиме со администратори кои штитат од судски спорови и преревносни закони.
- Човекови права: Да поддржуваме побезбедна околина за споделување, примање и одговорна употреба на информации на Викимедиините проекти.
- Големоразмерна злоупотреба: Да ги штитиме заедниците и системите од големоразмерна злоупотреба со подобрување на нашата инфраструктура, алатки и процеси.
- ДА ГИ ШТИТИМЕ НАШИТЕ ПРОЕКТИ
- Закони и регулатива: Да одговориме на промените во правните рамки, вклучувајќи подучување на регулаторите, правна анализа и складност со прописите.
- Дезинформации: Да продолжиме со поддржување на силна и разновидна заедница како најдобра одбрана. Да ги поддржиме доброволечките усилби по пат на истраги, врски со стручни лица и правна одбрана.
- УНАПРЕДУВАЊЕ НА НАШИОТ МОДЕЛ
- Застапување за политики: Промовирање на Викимедииниот модел кај надлежните за правни и политички одлуки.
ЦЕЛ 4: ДЕЛОТВОРНОСТ: Зајакнување на севкупниот успех + делотворност на Фондацијата задржувајќи се на финансиската одржливост и ефикасност, зајакнувајќи ги вклучаноста и делотворноста, и рационализација на процесите во фондацијата.
- ФИНАНСИСКА ОДРЖЛИВОСТ
- Приходи: Да собереме 188 милиони долари за годишен фонд и нивно вложување во подолгорочни приходни стратегии.
- Ефикасност: Да се осигуриме дека финансискиот модел ги задоволува / надминува најдобрите практики на дејноста; да одржуваме сооднос на програмски расходи од барем 77 %.
- Подружници: Да се осигуриме подружниците да бидат добро подготвени за повеќегодишно буџетирање и планирање.
- УСПЕХ
- Процеси за персонал: Да ги зајакнеме процесите за персонал, процеси и искуства за подобрување на вклучувањето на персоналот и нивната делотворност.
- Филантропска мисија: Да ги прошириме можностите за персоналот да има улога на амбасадор за нашата мисија кај дарителите и јавноста, како дел од организациската посветеност на филантропската култура.
- ПРОЦЕСИ
- Рационализација на процесите во Фондацијата: Создавање на поефикасни и автоматизирани процеси со задршка на клиентот. (на пр. организирање на плаќањата во прибирањето на средства, управување со претприемнички ризици, работни средини, работни текови на деловни операции.)
- Тримесечни мерила: Спроведување на посилен процес за оценка на тримесечните мерила и отчетност во однос на годишните цели.
Остварување на минатогодишниот план
Следува кус преглед на достигнувањата и напредокот во остварувањето на нашиот годишен план за 2023-2024 г. Продолжуваме со споделување на напредокот во целите на Diff и во други новости.
Постигнат напредок во ЦЕЛ 1: ИНФРАСТРУКТУРА
- Алатки за учесници: напредок во Откривање на настани, Темен режим, Патрола на нови страници, Патролирање на прилогот за Андроид, Подобро ракување со разлики за двоење на пасуси, Набљудувани на iOS, Проверка на уредувања, Разговорни алатки, Автомодератор, Поставки на заедницата и други алатки.
- Ризница: Надградби на Thumbor, поддршка за OpenRefine, Помошникот за подигање на Ризницата и други работи.
- Запоставени јазици: Подобра поддршка за запоставени јазици со отворени машински преводи преку ноата преводна служба MinT која поддржува над 200 јазици, од кои 44 за првпат добиваат машински превод.
- Желби на заедницата: Разгледување и подобрување на процесот на желби на заедницата за подобро пресретнување на потребите на разновидни корисници, растечката техничка сложеност и подлабока соработка помеѓу екипите за производи и технологија на Фондацијата и техничките доброволци. Исходот од анкетатите од 2022 и 2023 г. покажуваат како ги спојуваме вештините и стручните познавања најрелевантни на нашите барања. Направивме и истражување на историјата на Желбите на заедницата.
- Вештачка интелигенција: Унапредување на разговорите во заедницата за генеративна вештачка интелигенција, притоа осовременувајќи ја нашата инфраструктура за машинско учење во поддршка на алатката за таа намена која би се користела на нашите проекти во склад со мисијата. Тука влегува експериментирањето да дознаеме дали и како можеме да пружиме доверливо и проверливо знаење преку вонподложни вештачки интелигентни помошници како ChatGPT. Исто така експериментиравме со можноста машинското учење автоматски да модерира дојдовни уредувања во помали викизаедници.
- Одржување и поддршка на основата на МедијаВики: Посветување повеќе ресурси на одржувањето на и поддршка за програмската опрема МедијаВики додека почнуваме заеднички да размислуваме за идниот курс.
- Технички учесници на МедијаВики: Зголемена поддршката за техничките учесници, при што инженерите посветија повеќе часови во советувањето и прегледот на код. Екипата на подлогата МедијаВики достави осврт на кодот за 200 крпенки поднесени од доброволци во првото тримесечје; бројот на учесници во основата на МедијаВики кои поднесоа повеќе од 5 крпенки се зголеми за 15 % во однос на првото ланско тримесечје.
- Нов центар за меѓускладирање: Како дел од нашата посветеност на праведност на знаењето, додаваме нов центар за меѓускладирање во Јужна Америка со цел да ја зголемиме одѕивноста во тој регион.
- Проблеми пријавени од доброволци: решени преку 600 проблеми пријавени од доброволци во Фабрикатор за период од 6 месеци.
- Типографски одлуки: употребивме истражувачки методи и побаравме прототипи непосредно од доброволци со цел носење на одлуки за типографијата
Постигнат напредок во ЦЕЛ 2: ПРАВЕДНОСТ
- Викиманија: ги поддржавме доброволците од Источна и Југоисточна Азија и Тихоокеанија (ESEAP) да се поврзат со преку 2.800 викимедијанци (виртуелно и присуствено) од 142 земји. Многумина од нив инаку не би можеле да соработуваат и учат еден од друг.
- Простори за заедничко творење: овозможени простори за заедничко творење кои ја зајакнуваат поддршката и соработката, вклучувајќи подлога за заемно учење Let's Connect, како и регионалните собири како Afrika Baraza, Средбата на Средна и Источна Европа, WikiCauserie за франкојазичните викимедијанци и отворениот повик за заедницата во Јужна Азија.
- Конференции на движењето: унапредени целите на движењето со обезбедување на средства за конференции како EduWiki, Самит ВикиЖени, Камп ВикиЖени и ГБАМ-вики.
- Соработки: Остварени соработки со заедници на проекти како Нови уредници во Африка, Награди за новинарство со отворено знаење и Партнерската мрежа за учење „Викиизвор ги сака ракописите“.
Постигнат напредок во ЦЕЛ 3: БЕЗБЕДНОСТ и ИНТЕГРИТЕТ
- Законот за дигитални услуги на ЕУ: презедовме чекори за да го испочитуваме новиот Закон за дигитални услуги кој стапи на сила во август 2023 г. и ги регулира семрежните подлоги кои работат во Европската Унија.
- Застапништво: подучени регулаторите, творците на политики и владините водачи за Викимедииниот модел
- Отчетност: исполнети обврските за извештаи и отчет, вклучувајќи го објавениот дополнителен извештај за транспарентност
- Дезинформации: ги подржавме доброволците и проектниот интегритет со попишување на противдезинформациски иницијативи ширум екосистемот; се справивме со дезинформациите на проектите во Противдезинформациско складиште
- Безбедност на доброволците: поддржани мерки во заедницата за безбедност и вклученост работејќи со Комитетот за подружници, Комитетот за разгледување на случаи и Правозастапничката комисија.
Постигнат напредок во ЦЕЛ 4: ДЕЛОТВОРНОСТ
- Зголемена ефикасност: на пат сме да го зголемиме уделот од нашиот буџет непосредно наменет за поддршка на Викимедиината задача (нашиот „Сооднос на програмска ефикасност“) со зголемување на нашата внатрешна ефикасност околу административните и средствособирачки расходи.
- Дополнително вложување во поддршка за движењето: оваа згоелмена ефикасност ќе овозможи дополнителен влог од 1,8 милиони долари во нешта како доделбите на средства, разработка на функции, инфраструктура на мрежното место и повеќе.